Monday, November 6, 2017

Граници и големина на Република Македонија

                           ГЕОГРАФСКА ПОЛОЖБА

               ГРАНИЦИ И ГОЛЕМИНА 

         НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 


Република Македонија е дел од етничка Македонија која ги зафаќа сливовите на реките Вардар и Бистрица, горниот слив на реката Црн Дрим, средишните и долните сливни подрачја на реките Струма и Места. Во тие рамки Македонија зафаќа површина од 68 451км2. Од неа, со потпишувањето на Букурешкиот мировен договор во 1913 година на Грција и припаднал беломорскиот дел со површина од 34 411км2; на Бугарија - пиринскиот дел со 6 798км2; на Албанија (802км2) и на Србија (26 440км2) - вардарскиот дел. Во контекст на географско - историските случувања во XX век, по Втората светска војна, Република Македонија, во рамките на југословенската федерација стана посебна република со државотворен статус, а во  1991 година се формираше како самостојна независна и суверена држава. Денес, Република Македонија како централна балканска држава, се граничи со Косово и Србија на север, со Бугарија на исток, со Грција на југ и со Албанија на запад. Должината на државните граници на Република Македонија изнесува 889,2км.


                     СЕВЕРНА ГРАНИЦА

Северната граница со Косово и со Србија има напореднички правец на протегање и е со должина од 258км, почнувајќи од врвот Шерупа (2 092км) на Корапскиот планински масив кон исток се простира по сртот на Шар Планина, ја сече реката Лепенец кај Качаничката Клисура, потоа преку висовите на планината Скопска Црна Гора, преку Кумановско - прешевската повија и преку висовите на Козјак и на Герман Планина стигнува до тромеѓата на Република Македонија, Бугарија и Србија. Поважни гранични премини се Блаце и Табановце.


                  ИСТОЧНА ГРАНИЦА

Источната граница со Бугарија има меридијански правец на протегање. Главно води по сртовите на Осоговските Планини и по планините Влаина и Огражден. Кон југ ја сече Струмичката Котлина и се искачува на планината Беласица. Се протега во должина од 178км. Поважни гранични премини се Деве Баир, Делчево и Ново Село.


                     ЈУЖНА ГРАНИЦА

Јужната граница со Грција е, главно, со напореднички правец на протегање и се движи преку планини, рамници и езера. Таа води по сртот на планината Беласица, преку, Дојранското Езеро и Гевгелиската Котлина се искачува на Кожуф и на Ниџе, ја сече Пелагониската рамница, а потоа преку сртовите на планината Баба се спушта до Преспанското Езеро каде што е тромеѓата со Грција и Албанија. Има должина од 261км. Поважни гранични премини се Дојран, Богородица и Меџитлија.


                   ЗАПАДНА ГРАНИЦА

Западната граница со Албанија започнува од Преспанското Езеро, води преку планината Галичица, го сече Охридското Езеро, а потоа преку сртот на планината Јабланица и преку Дебарското Поле продолжува по сртот на Корапскиот планински масив (Крчин, Дешат и Кораб). ИмаГ должина од 192км. Поважни гранични премини се Ќафасан и Блато кај Дебар.


Во наведените граници Република Македонија зафаќа површина од 25 713км2.


РЕЧНИК НА ПОИМИ

  1.  Граница е линија со која се одвојуваат териториите меѓу две држави.
  2. Гранична линија е непосредната линија на разграничување меѓу две територии. Кај државните граници таа е посебна издлабено во вид на бразда.
  3. Граничен премин претставува уредено место на државните граници каде што луѓето легално преминуваат од една во друга држава.


           

No comments:

Post a Comment